Реакција од ССЕРИ по основ уредбата на владата од 07-04-2020 година со бр. 44-2865/
Реакција од ССЕРИ
Реакција од ССЕРИ по основ уредбата на Владата од 07.04.2020 година, со бр. 44-2865/1 со законска сила каде се ограничува исплатата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во компаниите во сопственост на државата.
Објаснување на поимите, надоместоци на плата:
- К-15 или регрес за годишен одмор
- Отпремнини за одење во пензија
- Користење на годишен одмор
- Боледување и други надоместоци
Објаснување на поимите, додатоци на плата:
- Работен стаж по 0,5% за секоја година
- Ноќна работа
- Работа во смени
- Работа за време на државен празник
- Продолжена работа (Прекувремена работа)
- Работа во ден за неделен одмор
Ќе дадеме наше видување, а истовремено ја прашуваме Владата за вака донесената уредба.
Ние вработените во Енергетскиот сектор секогаш сме биле и ќе бидеме солидарни, секогаш сме го давале својот придонес за компанијата и државата. Ситуацијата со Ковид 19 не погодува и нас како сите во државата, но ние исто така сме на своите работни места и даваме допринос во производството на електрична енергија, како не би дошло до мрак во ваква кризна состојба.
Ве прашуваме дали со оваa уредба не ги дискриминирате вработените во компаниите ЕСМ и МЕПСО, и ги доведувате во нерамноправна положба во однос кратење на плати, но и други основи.
Пример 1 Пример 2
Работник кој работи во смени, Работник кој работи прва смена,
Работен стаж 30 год. x 0.5% =15% Работен стаж 2 години 2%
Ноќна работа 15% Ноќна работа 0%
Работа во смени 5% Работа во смени 0%
Работа во празник 5% Работа во празник 0%
Вкупно, околу (- 40%) Вкупно, околу (-2%)
Помалку ПЛАТА (-40%) за работник од кој зависи енергетската стабилност!
Работниците во Рудниците за јаглен го одржуваат производството во секакви елементарни услови: Сонце , снег, прашина, дожд, но и во време на пандемијата со КОВИД-19.
Во очајни услови се на своите работни места и совесно и одговорно ги извршуваат своите работни задачи.
Процесот на производство продолжува во термоелектраните, каде исто така работниците пожртвувано се справуваат со секојдневните предизвици за непречено производство на електрична енергија.
Преносот на електричната енергија до нашите болници, фабрики и домови зависи од вработените од АД МЕПСО, кои секогаш се на висина на задачата.
Воедно сакаме да Ве прашаме дали го суспендирате и Законот за работни односи во член 112 алинеа 2, 3 и 4 како и колективните договори каде се предвидени надоместоците на плата.
Пример: Користење на годишен одмор, користење на боледување , повреда при работа и други надоместоци.
Вие со вашата уредба сето ова го минимизирате и вршите класична дискриминација со така наречената ‘’солидарност“ на искусните работници од кои зависиме сите.
Затоа сметаме дека ваквата уредба е несоодветна, нерамноправна и предлагаме :
ПРЕДЛОГ ЗА ДА СЕ НАДМИНЕ ОВАA УРЕДБА
1. Корекција на уредбата донесена од Владата на ден 07.04.2020 година со бр. 44-2865/1 во дел од член 1, со бришење на ‘’Акционерски друштва во целосна сопственост на државата“ и корекција на член 3, со додавање на ‘’Aкционерските друштва во целосна сопственост на државата кои се во дејноста на производство и дистрибуција на електрична енергија“.
2. Да се прекинат договорите за привремено вработените преку агенција за привремено вработување, додека траат мерките за пандемијата Ковид 19.
Со искреност Ви ги посочуваме проблемите и решенијата.
Самостојниот Синдикат на работниците од Енергетика, Рударство и Индустрија на Македонија – (ССЕРИ ), секогаш ќе се бори за почитување на правото на работниците на слобода на трудот, достоинство и заштита на интересите на работниците во Енергетскиот сектор.